Американската соул ѕвезда Марта Хај, долгогодишен придружен вокал на Џејмс Браун, е на одмор во Охрид, а музичарите Владимир Василевски Четкар и Драган Мијалковски и сопственикот на радио „Бубамара“, Ранко Петровиќ, ѝ беа домаќини на целодневна прошетка по Охридското Езеро.
„Марта последниве две-три години редовно доаѓа во Охрид и е вљубена во езерото. Нејзиниот партнер е Холанѓанец и преку него слушнала за Охрид и доаѓаат заедно на одмор. Сега престојува во Пештани. Имавме прекрасен ден со Марта, организирав целодневна прошетка на брод со ручек, мезе и охридско бело вино. Сакавме навистина да ги почувствува Охрид и неговата атмосфера“, вели гитаристот Четкар и додаде:
„Пуштав музика од ансамблот ‘Билјана’, сакавме сѐ да биде автентично охридски. Потоа се пееше и староградска музика, а Драган Мијалковски ги пееше неговите хитови. Застанавме на кафе, па повторно излеговме со кајче на езерото. Беше мирно како тепсија, сите бевме маѓепсани. Имаше прекрасна атмосфера и се родија многу идеи, особено кај Ранко“, ни рече Четкар.
Охридскиот музичар низ насмевка вели дека капетан на кајчето бил скопјанец кој работи на ваквите крстарења по Охридското Езеро.
„На Ранко моравме да му најдеме некој од Скопје да го вози оти нема многу доверба во охриѓани, па затоа возеше мојот пријател Кифла“, се пошегува Четкар.
Петровиќ вели дека Хај е воодушевена од Охрид и од дружењето, а посебен момент бил кога запеала заедно со Мијалковски.
„Марта е воодушевена од Охрид. Во еден момент таа и Драган Мијалковски пееја заедно, сосема спонтано. Беше прекрасна атмосфера“, вели Ранко Петровиќ.
Тој додава дека за време на пловењето Хај им раскажувала и приказни од својата богата музичка кариера.
„Ни раскажуваше многу анегдоти за Џејмс Браун, со кого помина повеќе од три децении, но и за Мајкл Џексон. Кога слушате такви приказни од човек кој одблизу бил дел од таа музичка историја, навистина е посебно“, вели Петровиќ.
Во друштвото бил и Драган Станојевски-Фанки, познавач и колекционер на фанк музика, преку кој Хај е поврзана со друштвото. Според Четкар, Станојевски има долгогодишни контакти со познати музичари од светската фанк сцена.
„Тој е пријател со многу познати фанк музичари во светот и тие многу го ценат како голем познавач и колекционер. Има една од најголемите колекции на фанк музика во овој дел од Европа и е многу поврзан со тој фанк и диско свет“, вели Четкар.
Марта Хај (81), родена како Марта Харвин во Вирџинија, ја почнала музичката кариера во Вашингтон во раните 1960-ти. Како тинејџерка станала членка на женската вокална група „Д џуелс“, која подоцна настапувала со Џејмс Браун. Хај останала со „Кумот на соулот“ повеќе од триесет години и се смета за негов најдолгогодишен женски придружен вокал.

Нејзината улога во тимот на Браун не се ограничувала само на сцената. Во текот на годините била дел од неговиот близок професионален круг, а самата Хај во интервјуа зборувала за строгата работна дисциплина што ја научила од него и за долгите години поминати на турнеи. Таа има објавено и мемоари за своите искуства со Браун.
Во 1979 го објави својот прв соло албум „Марта Хај“, а по завршувањето на долгогодишната соработка со Браун продолжила да настапува со познатиот фанк саксофонист Мејсио Паркер. Во поновата соло кариера објави повеќе албуми со соул и фанк музика.
Хај во февруари годинава беше гостинка на 29. „Златна бубамара на популарноста“ во Скопје, каде што доби награда за животно дело, што ѝ ја доделија Игор Џамбазов и Четкар.
„Кога слушнав дека Марта доаѓа во Охрид минатата година, веднаш ја поканив на ‘Златна бубамара‘, а таа со задоволство прифати. Нашата соработка и дружење ќе продолжат“, вели Ранко Петровиќ.
И британската соул, фанк и диско група „Делегејшн“ во февруари настапи на „Златна бубамара на популарноста“ и доби награда за животно дело. Дејвид Гета на скопскиот концерт на 8 септември го пушти и хитот „Ти и јас“ (You and I) на „Делегејшн“, со кој настапија на „Бубамара“.
М. ЏАРОВСКА