ВО КИНА СЕ ОТВОРИ ИЗЛОЖБА НА „ГРДИ РАБОТИ“

Кина, (Ројтерс)

Од сандали инспирирани од листови од зелка до кула од деформирани перници за мачки, новата изложба во Хангжу ги слави најчудните и естетски најнепривлечни производи достапни за продажба преку интернет во Кина.

Изложбата „Ерата на грди работи пристигна“ е организирана од гигантот за интернет трговија „Таобао“ и прикажува 300 производи кои победиле или биле во потесен избор на годишниот натпревар „Грди работи“ на платформата. Ју Ху, раководител на проектот, рече дека изложбата привлекувала повеќе од 3.000 посетители дневно за време на нејзиното траење од крајот на јули до средината на август.

„Грдите“ производи на „Таобао“ генерирале 14 милиони долари во продажба од 2020, при што Ју проценува дека моменталните стапки на раст за секторот се двоцифрени или трицифрени.

„Помладите потрошувачи ја поттикнуваат популарноста на овие непривлечни производи бидејќи сакаат да ја изразат својата индивидуалност. Како што економијата опаѓа, тие бараат и прифатлив луксуз, феномен познат како емоционална потрошувачка“, рече Ју.

Куклата „лабубу“ е еден од најпознатите примери за феноменот, кој стана глобален, а ја нарачале и Ријана и Дејвид Бекам.

„Грдотијата е уште една форма на убавина“, рече една посетителка на изложбата.