Рок групата „Меморија“ ќе одржи концерт во Скопје на 25 декември, во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ), каде што пред повеќе од 40 години го имала првиот настап.
Лани „Меморија“ одржа концерт со многу гости во салата „Борис Трајковски“.
„Во една снежна декемвриска ноќ пред повеќе од 40 години, групата го имаше својот прв концертен настап токму во познатата Дансинг сала на тогашниот Дом на млади ‘25 Мај‘. Во тоа име, на 25 декември на истото место, музичката историја на ‘Меморија’ ќе се повтори“, велат од тимот на бендот.

На сцената на МКЦ ќе настапат 24-ца музичари од сите фази на бендот: Петар Георгиевски-Камиказа (бас гитара), тапанарите Антонио Димитриевски, Сашо Ангелов, Дино Милосављевиќ и Мите Димовски, клавијатуристите Дејан Миновски, Нино Бошњаковски, Зоран Радоњанин, Дејан Кузмановски, Александар Чекреџи, Валентино Скендеровски, Александар Хаџипаунов и Давор Јордановски, гитаристите Ристо Ставрев, Дуле Трпковски-Ринго, Ристо Ицо Јовковски, Игор Атанасовски-Гуру Харе, Пеце Димовски, Димитар Мичо Божиков и Рубин Дикоски и пејачите Александар Стефановски-Јаблан, Драган Василевски, Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев. Некои од нив се очекува да допатуваат од Хрватска, Франција и Мексико, каде што последниве децении живеат и работат. Преку видео и фотоспомени ќе се оддаде почит на починатиот Зоран Илиќ-Зоци, првиот пејач на „Меморија“.
Покрај познатите хитови и балади, ќе бидат ексклузивно изведени и некои од првите песни на групата.
М. ЏАРОВСКА