АЛБУМОТ ЗА СП 2026 ЌЕ ИМА РЕКОРДНИ 112 СТРАНИЦИ И 980 СЛИКИЧКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Официјалниот албум со сликички за претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико ќе биде најголем во историјата, објави „Панини“, што и беше за очекување, откако бројот на земјите-учеснички беше зголемен на 48. Продажбата почнува во мај, подоцна од вообичаено.

На нешто повеќе од два месеца до почетокот на првенството, „Панини“ кажа дека албумот ќе има 112 страници и 980 сликички. Секој тим ќе има по 20 сликички, вклучувајќи 18 играчи, покрај групната фотографија и грбот. Бројот на сликички во едно пакетче е зголемен од пет на седум.

„Чекањето заврши. Доаѓа најголемиот албум на ‘Панини‘ за светските првенства“, објави италијанската компанија на Икс.

Во претходниот албум за Светското првенство во Катар имаше 670 сликички, додека првиот, за СП 1970 во Мексико, содржел 288 сликички.

(Фото: Панини)