АМСТЕРДАМ ПЛАНИРА ДА ЈА ЗАМЕНИ ЗОНАТА НА ЦРВЕНИТЕ ФЕНЕРИ СО ПЕТСПРАТЕН ЕРОТСКИ ЦЕНТАР

Амстердам, (Гардијан)

Амстердам планира да изгради петспратен „еротски центар“, со цел да ги подобри условите за сексуалните работнички. Зградата од 5.000 квадратни метри би содржела два бара, 100 мали соби и простор за еротска забава, како стриптиз клуб, како што градот сака да ја намали својата зона на црвените фенери и да ги тргне проститутките од излозите.

Планот е претставен во документ што градоначалничката Фамке Халсема го достави до градскиот совет, при што ќе се бара и комерцијален партнер на центарот.

Во јануари годинава, градскиот совет го одобри планот на Халсема за затворање на значителен број излози во тесните улички покрај историските канали во областа Де Вален, која е една од главните туристички атракции на Амстердам.

„Ако шетате низ тие тесни улички, ќе видите маси луѓе како стојат пред излозите, ги фотографираат жените и им се смеат. Како жена, не можам да прифатам такво понижување на жени“, изјави Халсема.

Се разгледуваат девет можни локации за новиот центар, за кој ќе се плаќа влез за да се избегнат гужвите својствени за Де Вален. Сепак, планот засега нема добиено целосна поддршка од самите сексуални работнички.