БУБАШВАБИТЕ СТАНУВААТ СÈ ПООТПОРНИ НА ПЕСТИЦИДИ И ЌЕ БИДЕ НЕВОЗМОЖНО ДА СЕ КОНТРОЛИРААТ

Њујорк, (Гардијан)

Бубашвабите стануваат сѐ потешки за убивање и наскоро ќе биде невозможно да се контролираат само со употреба на пестициди, се вели во истражувањето што го спроведе Универзитетот Пардју од Индијана.

Истражувачите шест месеци се обидувале да искоренат германски бубашваби, највообичаен вид домашна бубашваба во САД, Австралија и Европа, од неколку ниски згради во Индијана и Илиноис, при што користеле три мешавини од различни професионални типови пестициди.

Само една од нив се покажала успешна во намалувањето на популацијата на бубашваби и тоа само кај оние кај кои имало најмала отпорност. Во други области, каде што 10% од популацијата бубашваби се отпорни на хемикалии, имало зголемување на нивниот број.

Досега се веруваше дека бубашвабите можат да развијат отпорност на само една класа пестициди, не и ако тие се мешаат.

„Сега гледаме дека отпорноста може да се развие уште во иста генерација. Немавме идеја дека ова може да се случи така брзо“, вели авторот на студијата Мајкл Шарф.

Една женка германска бубашваба може да има 50 потомци на секои три месеци, па популацијата може да се прошири на 10 милиони низ четири генерации за 12 месеци.