„БУНКЕР“ ГО ОБЈАВИ ФРАНЦУСКИОТ ГРАФИЧКИ РОМАН „АЛЖИР Е УБАВ КАКО АМЕРИКА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Бункер“ го издаде осмиот графички роман во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, „Алжир е убав како Америка“ од француските автори Оливија Бартон (сценарио) и Махи Гран (цртеж).

„Бартон и Гран создадоа прекрасно дело за сложените односи помеѓу Алжир и Франција. Колонијализам, расизам, војна, поствоени трауми…, ниедна болна тема не останува недопрена. И покрај тоа, делото е раскажано на непретенциозен и духовит начин, без заземање страна. Со графичкиот роман, своето терапевтско патување и со откривањето нова земја, Оливија Бартон гради нови мостови помеѓу Франција и Алжир, мостови помеѓу минатото и сегашноста“, велат од „Бункер“.

Објавен во 2015, „Алжир е убав како Америка“ оствари голем успех во Франција, каде што за кратко време следеа уште неколку изданија. Преведен е на неколку јазици, а македонското издание е негово прво објавување во регионот. Правата и материјалите ги обезбеди Францускиот институт во Скопје, а преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска.