Д-Р НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ СО ШОУТО „НАДРЕАЛНА ВЕЧЕР“ НА 9 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичарот, писател, актер и режисер д-р Неле Каралиќ од Сараево ќе гостува сo свое шоу во Скопје, во Филхармонијата на 9 октомври од 20 часот, објави „Авалон“.

Шоуто на Неле Карајлиќ, чие вистинско име е Ненад Јанковиќ, е наречено „Надреална вечер“, слично како култната хумористична серија „Топ листа на надреалистите“, која беше хит во поранешна Југославија, а репликите од неа се повторуваат и денес.

Првоборецот на новиот примитивизам, новиот бран и пост-панкот, доктор Неле Карајлиќ, доаѓа во Скопје за да спои две во едно: песните на ‘Забрањено пушење’ и легендарното ТВ-шоу ‘Топ листа на надреалистите’, во кое Неле беше една од најважните и најкреативни фигури. Уникатна можност за многу музика, многу смеа, но, веројатно, и по некоја солза“, велат од „Авалон“.

Лани во април на Саемот на книга во Скопје Неле Карајлиќ го промовираше третиот дел од романот „Солунска 28“. Тој напиша трилогија за три генерации на едно српско семејство кое живее на улицата Солунска во Белград. Приказната започна на почетокот на 20. век, продолжи во Втората светска војна и во повоениот период, а сега зборува за експлозијата на поп-културата во 1980-тите.

Ме влечеа две идеи додека пишував. Едната е како сите ние од регионот се сеќаваме на 1980-тите со некоја носталгија и со идеја дека тие години биле среќни. А, кога ќе ги погледнете историските факти ќе видите дека воопшто не било така. Таа земја помина низ економска криза и општествена криза, која на крајот прерасна во страшна војна. Но, ние на тие години се сеќаваме со некоја радост“, рече Карајлиќ на промоцијата во Скопје.

Билетите ќе бидат во продажба од 11 септември на avalonbooking.mk.

(Фото: Фејсбук)