Во анкета меѓу основците од 9 до 12-годишна возраст во ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, 80 отсто одговориле дека разговараат со своите родители каква содржина споделуваат на социјалните мрежи, но дека и при контрола од родителите, сепак се соочуваат со сајбернасилство. За нив сајбернасилство се навредливите коментари, кои се главно од врсници, но со скриени профили.
Анкетата ја изведоа 4 студентки од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
На прашање како знаат дека се врсници, кога навредливите коментари доаѓаат од анонимни профили, учесниците во анкетата одговориле дека по одредени траги и зборови се откриваат сами тие што навредуваат и вознемируваат.
Во анкетата децата кажале дека најчесто се на социјалниоте мрежи Дискорд, Јутуб и ТикТок. Споделуваат слики и видеа, највеќе на Јутуб и на Тикток. Одговориле дека по училиште поминуваат и по неколку часа на социјалните мрежи и дека тоа го прават од забава, а не да се информираат, едуцираат.
Само 1 отсто од анкетираните се изјасниле дека имаат целосна забрана за присуство на Тикток и на Јутуб, кои истовремено се најризични за нивната возраст.
95 отсто од децата во анкетата одговориле дека знаат оти не е безбедно тоа што го прават со споделувањето слики и видеа, а некои од нив знаат дека и групните сајберигри не се безбедни за нивната возраст, но дека им е интересно да бидат вклучени.
Одговориле дека не знаат во целост како да се заштитат од напад на социјалните мрежи.
Студентките од втора година на ФИНКИ кои ја изведоа анкетата, низ кратка обука и со одговарање на многу нивни прашања, ги информирале учениците како да се заштитат од лажни вести, како од демначи на социјалните мрежи, како најбезбедно да го формираат видеоматеријалот кој сакаат да го споделат на Тикток или на Јутуб и каде да пријават во случај да доживеале некаков напад, булинг и загрозување на нивната безбедност на Интернет. Поучени се првин да кажат на своите родители или на старателите, а потоа и на наставниците. Натаму, дека обврска на родителите е да пријават во полиција или во обвинителството ако нивните деца биле вознемирувани. Им препорачале во таков случај веднаш да ги блокираат тие профили.