Леонардо ДиКаприо вети дека ќе донира 43 милиони долари за активности за заштита и обнова на Галапагос. Иницијативата, која се одвива преку организацијата „Re:Wild“, што ДиКаприо ја основа лани заедно со признати научници и конзерватори, има за цел да го обнови целиот див свет на овој пацифички архипелаг во Јужна Америка.
Со овие пари ќе се финансира обновата на островот Флореана, кој е дом на 54 загрозени видови, на кој повторно ќе се населат 13 исчезнати локални видови. Исто така, ќе се помогне програмата за размножување на животни во заробеништво и ќе се преземат активности да се спречи исчезнувањето на розевата игуана.
„Кога патував на Галапагос, се запознав со Паула Кастања и други еколошки херои од Еквадор кои деноноќно работат на спасувањето на едно од најнезаменливите места на светот. Дивиот свет се уништува секаде низ светот. Повеќе од половина од преостанатите диви области на Земјата ќе исчезнат во наредните децении ако не делуваме“, вели ДиКаприо.