ДИРИГЕНТКАТА ЈАСМИНА ЃОРЃЕСКА-КАРО, АНСАМБЛОТ „АЛТУС Н3“ И КОМПОЗИТОРКАТА АНА ПАНДЕВСКА ЌЕ ДОБИЈАТ НАГРАДИ НА ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Наградата „Георги Божиков“ за 2024 ќе ја добијат камерниот ансамбл „Алтус НЗ“ и диригентката Јасмина Ѓорѓеска-Каро на затворањето на Денови на македонска музика вечерва (16 октомври) од 20 часот на концертот во Филхармонијата. Композиторката Ана Пандевска ќе ја прими наградата „Панче Пешев“ за композицијата „Куклици“. И двете награди ги доделува Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). 
Ансамблот „Алтус НЗ“ минатата година имаше низа концерти во земјава и странство, свирејќи дела од македонските композитори Томислав Зографски, Благој Цанев, Јана Андреевска, Панде Шахов, Михајло Трандафиловски, Валентина Велковска-Трајановска, Горан Начевски, Дарија Андовска, Ана Пандевска, Филип Иванов и други.
„Ансамблот под уметничко водство на Паскал Галоа континуирано се грижи за изведба, афирмација и зачувување на современото творештво, но и сите членови: Гонца Богоромова-Краповски – сопран, Елена Стојческа – флејта, Игор Иванов – кларинет, Роман Петиот – гитара, Мартин Димитровски – виолина, Александар Лаовски – виола, Паскал Краповски – виолончело и Маријана Николовска – пијано. На диригентката Јасмина Ѓорѓеска-Каро наградата ѝ се доделува за изведбата на делата на Стефан Гајдов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Драган Шуплевски, Томислав Зографски, Стојан Стојков и други со сите хорови што ги раководеше. ‘Куклици’ е инспиративно музичко дело во кое Ана Пандевска прави интересен спој помеѓу традицијата и современоста преку уникатно и автентично звучно обликување на легендата за настанокот на Камените кукли во Кратовско“, велат од СОКОМ.