„ДИЗНИ“ ГО КУПИ МЕДИУМСКО-ФИЛМСКОТО ЦАРСТВО НА РУПЕРТ МАРДОК ЗА 52,4 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Лондон, (разни извори)

„Волт Дизни“ се согласи да го купи „20 сенчури фокс“ за сума од 52,4 милијарди долари, што ќе го трансформира медиумското царство на досегашниот сопственик Руперт Мардок.

Договорот, меѓу другото, вклучува 39% од акциите на „Фокс“ во „Скај“, како и филмското студио на „20 сенчури фокс“, објави компанијата „Волт Дизни“.

Со овој договор се става крај на полувековната медиумска експанзија на сега 86-годишниот Мардок, кој останува во бизнисот со весници.

Тој почна како сопственик на еден австралиски весник, што го наследи од татко му како 21-годишник, за да создаде едно од најголемите медиумски и филмски царства на сите времиња.

„Многу сум горд со ова што го создадовме во ‘20 сенчури фокс‘ и искрено верувам дека оваа комбинација со ‘Дизни‘ ќе продолжи да ги поместува границите во оваа возбудлива и динамична индустрија“, изјави Мардок.

Со постигнатиот договор, „Волт Дизни“ доби четири важни средства, со коишто ќе може да се натпреварува со ривалите „Нетфликс“ и „Амазон“:

  • филмското студио на „20 сенчури фокс“
  • кабловските канали „Еф Екс“ и „Национална географија“, како и неколку регионални спортски канали
  • акциите на „Фокс“ во „Хулу“
  • акциите на „Фокс“ во европската кабловска компанија „Скај“.