ДЛУМ ГО ОТВОРА СЕДМОТО ИЗДАНИЕ НА ИЗЛОЖБАТА „ПОМЕСТЕНИ ГРАНИЦИ“, УЧЕСТВУВААТ 22 АВТОРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечерва во 19 часот ќе го отвори седмото издание на изложбата „Поместени граници“, која ќе биде поставена во галерискиот простор во Домот на АРМ во Скопје. Кураторскиот концепт на изложбата го постави Уметничкиот совет на ДЛУМ, а темата е насловена „Каде е границата…?“.

Поимот граница асоцира на некаков вид физичка, замислена, природнa, вистинска, политичка или емотивна барикада која означува крај, а воедно и почеток на нешто ново и поразлично. Во уметноста, границата во последно време го губи своето значење. Мултилатералниот и интердисциплинарен пристап на уметниците сè повеќе е присутен, што ја проширува границата или оди отворено без неа“, велат од ДЛУМ.

Учествуваат 22-ца автори кои се членови на ДЛУМ: Марија Мицова Гацова, Јана Луловска, Татјана Миљовска, Ема Петрова, Борче Богоевски, Слободан Живковски, Иво Пецов, Шќипе Мехмети, Марија Чепишева, Златко Глигоров, Стефан Јакимовски, Ана Спасова, Петар Миљковиќ, Ангел Димовски-Чауш, Ацо Таневски, Стефан Младеновски, Ѓорѓи Динев, Душан Георгиевски, Нела Јанковска, Златко Бојковски, Зулејха Зибери Али и Љупчо Бојаров.

Изложбата ќе биде отворена до 4 март.