ДОКУМЕНТАРЕЦОТ НА ПЕТРА СЕЛИШКАР „ПЛАНИНАТА НЕ ОДИ НИКАДЕ“ ЌЕ ИМА МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА 25 АВГУСТ НА МАКЕДОКС

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

На 16. издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, на 25 август ќе има македонска премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар. Проекцијата е закажана за во 21 часот, во Куршумли ан.

Светската премиера беше на 5 април, во конкуренцијата за награди на фестивалот „Визии на релноста“ (Visions du Réel) во Нион, Швајцарија, еден од најзначајните за документарни филмови во Европа.

Филмот, кој е словенечко-француско-македонска копродукција, е за тројца браќа овчари во Македонија кои со стадото живеат по неколку месеци на планина на 2.400 метри надморска висина.

„Високо во македонските планини, среде стадо од 500 овци чувани од огромни кучиња, има бачило. Од ова несигурно прибежиште одекнува детска смеа. Под лимениот покрив живеат браќа овчари кои макотрпно работат за да го одржат семејството. Кога не работат, си играат и разговараат за значењето на животот. И додека за некого животот е токму таму, други се прашуваат дали иднината ги чека на некое друго место. На премиерата ќе присуствуваат неколкумина од браќата – протагонисти во филмот и филмската екипа што работеше на документарецот“, најавуваат од МакеДокс.

МакеДокс почна на 21 август, и на 22 август се одржа првиот блок премиери на документарни филмови продуцирани во Македонија или реализирани во копродукција со регионални партнери.

Беа прикажани филмовите „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов и „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, реализиран во копродукција помеѓу Србија и Македонија.

МакеДокс ќе трае до 28 август, а целата програма е достапна на официјалната интернет-страница на МакеДокс, а може да се симне и фестивалската апликација.

(Фото: Visions du Réel)