До 28 февруари 2026 ќе трае конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот е објавен на интернет-страницата на Драмски театар Скопје.
„Преку овој конкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма. Право на учество имаат автори, државјани на Македонија, кои до денот на завршувањето на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми“, велат од Драмски.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од паричен износ од 60.000 денари, потпишување авторски договор со Драмски театар Скопје и продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот во рок од две години од затворањето на конкурсот.
Конкурсот беше распишан во февруари годинава, но во април, Драмски театар соопшти дека поради недоработени драмски текстови кои пристигнале на конкурсот одлучено е да не се додели наградата „Горан Стефановски“. На 28 април беше распишан нов конкурс со рок до 1 февруари, што сега е продолжен до 28 февруари.