ДРАМСКИ ТЕАТАР ГОСТУВА НА БРИОНИ ВО ХРВАТСКА СО ПРЕТСТАВАТА „ЖИВОТОТ НА ПРОВИНЦИСКИТЕ ПЛЕЈБОИ ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“, Драмски театар од Скопје вечерва (28 август) гостува на Бриони во Хрватска, во театарот „Улисис“, кој е домаќин на фестивалот на Регионалната унија на театри (РУТА). Претставата ќе биде изведена на големата сцена на локалитетот Мали Бриони.

Гостувањето на Бриони ќе биде шеста изведба на пиесата, со што се заокружува сезоната на настапи на летните фестивали. Претставата е копродукција на Драмски театар од Скопје, Београдско драмско позориште, Местно гледалишче од Љубљана и „Град театар“ од Будва. Премиерата на претставата во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, беше на 10 август во Будва. Се изведе и на Охридско лето на 17 август.

Играат Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Преводот го направи Соња Должан, сценограф е Лазе Трипков, костимограф Александар Ношпал, музиката е на Владимир Пејковиќ, а сценските движења на Дамир Клемениќ.

Претставата повторно ќе се игра во Скопје во втората половина на октомври за време на фестивалот РУТА во Драмски театар.