Елена Ристеска и Нела Манчевска, македонската претставничка на детската Евровизија заедно настапија на отварањето на Саемот за козметика вчера (3 април) во Скопје.
Елена Ристеска го испеа својот хит „Доживотно“ во придружба на балерините од балетско студио „Арт“, а при крајот од песната ѝ се придружи Нела Манчевска.
Поп-ѕвездата се присети дека пред точно 20 години, на Евровизија во Атина, со хитот „Нинанајна“ таа го освои 12 место. Потоа, на прашањето на водителката Снеже Велков како се пласирала, Нела Манчевска рече дека во декември лани, во Тбилиси, Грузија, со песната „Чудо“ (Miracle) го освои седмото место на Детска Евровизија.
Нела Манчевска е 14-годишната основка, која учи во деветто оддделение во „Вера Циривири-Трена“.
Досега има учествувано на многу натпревари за пеење, а кога имаше 12 години, го воодушеви жирито на хрватското шоу „Суперталент“ со хит на Витни Хјустон.
Нела како фаворит на публиката в0 2024 победи на натпреварот „Песните на Тоше“ кој се одржа во Националната опера и балет.
Изложбено-продажниот саем за козметика, убавина и нега, се одржува од 3 до 5 април во хотелот „Александар Палас“. Во текот на трите саемски дена, посетителите ќе ја погледнат понудата на околу 50 изложувачи по саемски цени.
Работното време е 10 до 20 часот.
М. ЏАРОВСКА