ЕВРОПА ВО ПАНДЕМИЈАТА ДОБИЛА 1.000 КИЛОМЕТРИ НОВИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ И ТРЕНДОТ ЌЕ ПРОДОЛЖИ

Брисел, (Гардијан)

Откако пред една година пандемијата на коронавирусот доведе до затворања и строги рестрикции, голем број градови ги изменија своите улици за да ги направат пешачењето и возењето велосипед полесно и побезбедно. Овие мерки се покажаа толку успешни што велосипедизмот стана важен дел од плановите за обнова на градовите после пандемијата.

Според Европската велосипедистичка федерација (ЕЦФ), европските градови потрошиле една милијарда евра на мерките поврзани со велосипедизмот, при што се создадени најмалку 1.000 километри патеки.

Мислам дека пандемијата само ги забрза овие процеси. Градовите кои направија добри привремени велосипедски патеки беа генерално позитивно прифатени од жителите“, вели претседателот на ЕЦФ, Александар Бучински.

  • Барселона воведе 27 километри привремени патеки минатото лето и до 2024 година планира да ја прошири мрежата на 305 километри.
  • Милано почна од 35 километри нови велосипедски патеки. Улицата Буенос Аирес денес е најпрометната во градот и дневно ја користат 10.000 велосипедисти. Програмата во меѓувреме беше проширена на 67 километри, што до летото треба да стигне до 100 километри.
  • Во Париз, улиците на кои што некогаш доминираа автомобили сега се исполнети со велосипедисти. Од минатата пролет, употребата на велосипеди се зголемила за 70%, а градот инсталираше 50 километри привремени патеки, кои треба да станат трајни. Градоначалничката Ан Идалго вели дека се создадени 160 од планираните 320 километри патеки.
  • Лисабон е во процесот на удвојување на својата велосипедска мрежа на 200 километри оваа година.
  • Лондон вовел или почнал да прави 100 километри велосипедски патеки од почетокот на пандемијата.
  • Брисел додал 60 километри привремени патеки во 2020, зголемувајќи го бројот на активни велосипедисти за 87%. Белгија планира со велосипедски патеки да поврзе градови, а фламанската влада овој месец објави пакет од 150 милиони евра поврзан со велосипедизмот.

Луѓето велат дека на холандски и дански градови им требале 30 или 50 години за да ја изградат својата велосипедска инфраструктура, но ние немаме толку време. Ние имаме климатска вонредна состојба и не можеме да чекаме 50 години. Ние мора доста брзо да го промениме сообраќајниот систем и тоа ќе биде многу тешко доколку велосипедизмот не го направиме подостапен за сите“, вели Бучински.