На 29 и 30 октомври, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи 11. издание на фестивалот на музички документарни филмови Скопје синема сити, со фокус на Холандија.
Свеченото отворање ќе биде со филмот „Контрола“ на Антон Корбајн (фото), легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и влијателни музички видеа. Фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
„Контрола“ е биографска драма за Ијан Кертис, фронтменот на култниот бенд „Џој дивижн“. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија помеѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн и самиот бил фотограф на бендот.
Публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб „Бимхаус“ во Амстердам, краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска и „Македонски дневник во рими“, проект на „Види вака“, кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот во „Јавна соба“ ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“.