Финска е прогласена за најсреќната држава на светот деветта година по ред, стои во годинашниот Светски извештај на среќата, што го прави Истражувачкиот центар за благосостојба при Универзитетот Оксфорд. По Финска следуваат уште две скандинавски земји, Исланд и Данска, а новина е што во првите пет за првпат се најде една држава од Латинска Америка – Костарика.
Девет од последните 10 години, Финска е рангирана на првото место. Земјата има високи оценки за социјална поддршка и ниска перцепирана корупција, а жителите често посочуваат на мрежата за социјална сигурност, вклучувајќи ги образованието и здравствената заштита, што создава чувство на сигурност и благосостојба.
„Повеќето млади луѓе во светот се посреќни денес отколку пред 20 години и ова е тренд што заслужува наше внимание“, рече Џон Клифтон, извршен директор на „Галуп“, кој придонесе за извештајот.
Европа доминира во топ-20 на листата, а во првите десет уште се Шведска, Норвешка, Холандија, Израел, Луксембург и Швајцарија. Косово е на 16. место, а Словенија на 20-то.
Македонија се најде на 82. место, четири позиции повисоко од лани.
На дното на листата од 147 држави повторно е Авганистан, зад Сиера Леоне, Малави, Зимбабве и Боцвана.
(Фото: Гети)