Финска е прогласена за најсреќната држава на светот осма година по ред, стои во годинашниот Светски извештај на среќата, што го прави Истражувачкиот центар за благосостојба при Универзитетот Оксфорд. И останатите скандинавски држави високо котираат во новиот извештај, па Данска, Исланд и Шведска се пласираа зад Финска, што е истиот редослед од лани.
„Среќата не значи само богатство или раст, туку се работи и за доверба, поврзаност и свесност дека луѓето стојат зад вас. Ако сакаме посилни заедници и економии, мораме да инвестираме во она што е навистина важно: едни во други“, рече Џон Клифтон, извршниот директор на аналитичката фирма „Галуп“, која учествуваше во истражувањето.
Европа доминира во топ-20 на листата, но во првите десет се и Костарика, Израел и Мексико, покрај Холандија, Норвешка и Луксембург.
Македонија се најде на 86. место, две позиции пониско од лани.
На дното на листата од 147 држави повторно е Авганистан, зад Сиера Леоне, Либан, Малави и Зимбабве.
(Фото: Визит Финланд)