ФОТОГРАФ БАРА ОТШТЕТА ОД 300.000 ДОЛАРИ ОД ЏЕНИФЕР ЛОПЕЗ ЗАШТО ОБЈАВИЛА НЕГОВИ ФОТОГРАФИИ БЕЗ ДОЗВОЛА

САД, (Би-Би-Си)

Џенифер Лопез е тужена зашто објавила фотографии од забава во Холивуд, а фотографот и неговата агенција велат дека не добила дозвола да ги користи.

Пејачката и актерка сподели слики на социјалните мрежи како пристигнува на забавата на „Венити фер“ во Лос Анџелес пред Златните глобуси во јануари. Фотографот Едвин Бланко и агенцијата „Бекгрид“ поднесоа тужби велејќи дека ги поседуваат авторските права на двете фотографии. Тие бараат отштета од 150.000 долари по фотографија.

„Сликите биле користени за да се промовираат јавните настапи на Лопез и да се даде кредибилитет на нејзината брендирана содржина. Лопез неовластено ги користеше фотографиите за да го рекламира дизајнерот на нејзините облека и накит, користејќи го публицитетот од настанот за да ги промовира нејзините модни врски и партнерства со брендови“, велат од агенцијата.

Лопез ги објави фотографиите на нејзините профили на Инстаграм и Икс и тие потоа беа споделени од бројни нејзини фанови и страници за мода.

(Фото: Гети)