Германија и Турција влегоа во жесток спор околу донер-ќебапот, додека Берлин се обидува да го спречи обидот на Анкара омиленото улично јадење да добие заштитен статус во ЕУ, како шпанската шунка серано и неаполската пица.
Битката почнала во април кога Турција поднела барање за регистрирање на името донер како нејзин загарантиран традиционален специјалитет низ Европа, што значи дека ознаката би можела да се користи само кога се почитуваат назначените методи на производство и спецификации за месото. Германија смета дека тоа би создало големи бирократски пречки и би ги покачило цените, па вчера стави вето на барањето.
Ако апликацијата на Анкара биде успешно, како донер би можеле да се продаваат само „говедско и јагнешко месо хоризонтално исечени на котлети со дебелина од 3-5 милиметри“, додека меленото месо би било целосно забрането. Исто така, и староста на месото, зачините за маринирање и ножот за сечење би требале да исполнат точно одредени спецификации.
Влогот е голем: годишната продажба на донери во Германија изнесува седум милијарди евра и се проценува дека една третина Германци го јадат барем еднаш месечно. Германија веќе се бори со „донер инфлација“, чија цена во некои градови пораснала од четири на десет евра во последните две години.
И Турција и Германија, каде што живеат 2.7 милиони Турци, тврдат дека се родното место на донерот, кој и во двете држави се јаде во големи количини.
„Ако Турција биде успешна во обидите за регистрација, новите правила ќе имаат катастрофални последици за угостителските бизниси и потрошувачите“, изјави Ингрид Хартгес, претседателката на Германското здружение на хотели и ресторани.
Двете земји имаат шест месеци за да постигнат компромис, по што Европската комисија ќе мора да го реши спорот.
(Фото: АП)