Жешкиот бран што во јули ја погоди Европа и донесе рекордно високи температури во неколку држави придонесол за топењето на 217 милијарди тони мраз на Гренланд. Ова го објавија данските поларни истражувачи, кои кажаа дека само во еден ден, на 31 јули, се истопиле 11 милијарди тони мраз.
„По релативно сувата зима и топлата пролет, најголемото топење се случи во периодот меѓу 11 и 20 јуни. Топењето на Гренланд на крајот на пролетта беше значително поголемо од просекот меѓу 1981 и 2010 година“, изјавија од Националниот центар за следење на мразот и снегот.
Рут Мотрам од Данскиот метеоролошки институт изјави дека јулското топење довело до покачувањето на глобалното морско ниво за околу половина милиметар. Научниците веруваат дека годинашното исклучително топло време е симптом на климатските промени за кои е виновен човекот.
„Овие жешки бранови и климатски настани се случуваат и природно, но истражувањата покажуваат дека нивните фреквенции и интензитет се зголемуваат поради климатските промени“, изјави портпаролот на Светската метеоролошка организација Мајк Спероу.
Ова како да не е доволно, моментално гори речиси целиот Арктик, при што пожари има во Русија, Канада, Аљаска и Гренланд.