Три од четирите награди на 22. Фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес се за претставата „Ифигенија за ништо“ на Драмскиот театар од Скопје. Таа ги освои наградите за најдобра претстава, режија (Филип Петковски) и женска улога (Јелена Жугиќ), додека за машка улога замина за Куманово (Марко Трајковиќ). Ова е едногласна одлука на жирито во состав Јордан Витанов, Фаик Мефаилоски и Кристина Атанасова-Арсова.
„Претставата е заокружен сценски чин во сите сегменти. Режијата вешто ги вклопува сценографијата, костимографијата, светлото, музиката и актерската игра, што ја прави претстава релевантна за наградата која ја добива. Претставата ги демонстрира современите театарски изрази и практики, особено во користењето на невербалните театарски техники“, кажа Атанасова-Арсова.
„Благодарност за наградата, за жирито кое препозна квалитет во еден поинаков сценски израз“, рече Филип Петковски, кому му припадна наградата за режија.
„Наградите го верификуваат нашиот труд. Ова беше прекрасно патување, нешто што е векови и векови старо да се дрзнеме да го прочитаме современо, од наша перспектива“, рече актерката Јелена Жугиќ, која беше наградена за улогата на Клитемнестра.
„Наградата ми доаѓа како подарок за роденденот, денеска полнам 34 години. Процесот на подготовка за улогата на Калигула траеше пет години, физички, ментално, емотивно“, рече Марко Трајковиќ од Кумановски театар.
На годинашниот „Стоби“ во официјална конкуренција беа и „Агамемнон – кругот на крвта“ на „Ла Мама“ од Њујорк и „Нешто големо“ на „Академија Медитеран“ од Лече, Италија.
Во чест на награденните, актерите на Штипскиот театар ја одиграа претставата „Лекција“.
П. ПЕЧКОВ