ИМ ЗАДОЦНИВ НА ПРЕТСТАВА НА МИЛЕНА ДРАВИЌ И ДРАГАН НИКОЛИЌ, РЕЧЕ НИКОЛА ЃУРИЧКО НА ОДЛИЧНИОТ СТЕНДАП НАСТАП ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Никола Ѓуричко се сликаше со публиката која дојде на неговиот стендап „Шоубиз“ во Македонскиот народен театар (МНТ) во рамките на роденденската прослава 81 година МНТ.

Српскиот актер, кој живее во Америка, низ интелигентен, но и народен хумор го раскажа својот актерски живот пред да стане популарен и ја насмеа публиката во Скопје, која претходно ја нарече елитна и ѝ се заблагодари што оди во театар.

Ѓуричко беше член на Југословенското драмско позориште од 1995 до 2019, откога живее и работи во Лос Анџелес. Токму моментот кога ЈДП изгорело, додека тој бил млад актер и стипендист на театарот, е дел од неговите приказни во стендапот. На интересен начин, кој го држи вниманието на публиката од почеток до крај, Ѓуричко се сети како неговата мајка во паника го разбудила, кажувајќи му дека театарот гори. Раскажа како еден од актерите кој ја изиграл последната претстава во него, бил на испитување во суд, особено поради тоа што во претставата пуши цигара.

Низ хумор, но и носталгија, Ѓуричко му оддаде почит на легендарниот актер Власта Велисављевиќ, кој на неполни 95 години почина во 2021.

„Власта бил на Голи Оток. Власта се пронајде во книгата на затвореници во музејот во Ниш, кој порано бил затвор. И тој поради сѐ што преживеал ја имаше таа ведрина кон животот“, рече Ѓуричко.

Милена Дравиќ и Драган Николиќ ги нарече свои филмски и театарски родители и се присети колку биле прекрасни, ги поддржувале младите актери, а тој им задоцнил на заедничка претстава. Го спомена и својот добар пријател, покојниот актер Небојша Глоговац, во анегдотата кога немале пари да платат сендвич со јагнешко кога биле на Филмскиот фестивал во Сопот.

„Илјада динари тогаш ми позајми Јосиф Татиќ“, рече Ѓуричко.

Дел од оние починати актери за кои рече дека многу му помогнале се и Борис Комнениќ и Бранко Цвејиќ.

И тоа е убавото во ова шоу. Актерот кој има и интернационална кариера и глумеше во хит-серијата „Чудни нешта“, „Светска војна З“ и во други меѓународни продукции не зборува за неговиот „американски сон“, туку за почетоците. На крајот, како што вети, откако ја замоли публиката да не снима и да не слика за време на настанот, се сликаше и помуабети со сите кои посакаа на сцената на МНТ.

М. ЏАРОВСКА