ИЗЛОЖБА НА СНЕЖАНА ЛАЗАРОВА ЛУНА ВО ВЕЛЕС СО ДЕЛА ИЗРАБОТЕНИ СО СЕМИЊА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Снежана Лазарова Луна се претстави во Ликовниот салон во Велес со изложбата за 15 години творештво „Семињата на светлината“. Таа изложи 38 дела, дел постари, дел нови, создадени последната година. Лазарова се претставува со мозаици од природни семиња во природни бои.

„Со изложбата одбележувам 15 години работа под мотото по делата ќе ме познаеш. Работата со оваа техника е тешка, се работи зрно по зрно и секое мора да си го пронајде своето место и затоа создавањето оди поспоро. Има и постари дела, тоа се свети ликови, кои сакам повторно да ги претставам пред јавноста. Тие се создадени од бел ориз и црн синап. Последните пет години работам со нови природни бои и семиња, како киноа, просо за жолта боја, црвена леќа, а од пред две седмици користам и чија семе. Тематиката на новите дела е жената и љубовта“, кажа Лазарова.

Дел од изложбата е едиција посветена на сите упокоени млади души со скршени крилја. Таму се поместени делата „Скршениот светилник“ за секоја мајка со изгубено чедо и „Кочански перуники“, работено со црно семе синапово, бел ориз и чија семе.

П. ПЕЧКОВ