КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ГО ПРАВАТ ПЛАНИНАРЕЊЕТО СÈ ПОРИЗИЧНО

Виена, (Би-Би-Си)

Планинарењето во некои делови од светот станало поризично поради климатски промени, предупредуваат експерти за качување и научници.

Тие велат дека затоплувањето во Алпите ги истенчило мразот и снежната покривка, што резултира со чести одрони на карпи и лизгање на земјиште. Дополнителен проблем е топењето на глечери, па маршрути за качување треба целосно да се напуштат или променат поради зголемени ризици.

Студијата за масивот Мон Блан покажува дека во последните пет децении биле погодени речиси сите маршрути за качување, а некои веќе не ни постојат. Испитувањата на неколку врвови покажале значителна деградација на пермафростот, што предизвикува одрони.

Слична е ситуацијата и во австриските Алпи.

Голем дел од маршрутите станаа екстремно опасни. Одроните стануваат најголем предизвик“, вели Флоријан Ритер од Универзитетот за природни и животни науки во Виена, еден од авторите на студијата.

Во последните 10 години, на планината Матерхорн е поставена мрежа од бежични сензори, која објавува податоци за состојбата на острите карпи, пермафростот и климата.

Од податоците што ги добиваме можеме да видиме дека стапката на промена е доста брза. Како резултат на тоа, некои места веќе не можат да се посетат“, вели Јан Бојтел, истражувач од Цирих.

Но, не е само Европа. Топењето на глечерите им предизвикува проблеми и на качувачите во Нов Зеланд и на Хималаи.