Кочанскиот рок бенд „Корка“ ја доби наградата на публиката на натпреварот за млади музички таленти „Imagine Music Experience“, што се одржа во Брисел, објави Музичката младина на Македонија. „Корка“ беше македонски претставник на овој меѓународен натпревар за музичари од 13 до 21 година и доби најмногу гласови во онлајн гласањето.
Настанот го организира „ЈМ Интернационал“, глобална организација посветена на развојот на младите преку музика и уметност, поддржувајќи ги преку натпревари, едукација и настапи на интернационалната сцена.
„Ова е прво признание за Македонија на фестивалот по четири години учество“, велат од Музичката младина на Македонија.
Во изминатата година „Корка“ го издаде својот деби албум и имаше низа концерти низ државата и во Србија. Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку организирaње настани во Кочани. Повеќето од членовите се сѐ уште средношколци и беа дел од организацијата на дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, што се одржа кај Споменикот на слободата во Кочани. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Јорданова, првата тапанарка на бендот, која го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март.
На меѓународното финале во Брисел свиреа и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија. Победник на натпреварот беше белгискиот рок бенд „Кримсон булет џенерејшн“ (Crimson Bullet Generation).
(Фото: ЈМ Македонија)