КОНЦЕРТОТ НА САЕМ ПРЕД 25 ГОДИНИ БЕШЕ НАЈПОЗИТИВНИОТ ХАОС ВО НАШАТА КАРИЕРА, РЕКОА „АРЕА“ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сите песни од култниот албум „Врати на имагинација“ „Ареа“ за првпат ќе ги свират на концертот на 8 ноември во салата „Јане Сандански“ во Скопје, објавија членовите на групата Ружица Милошевска-Брчиоска и Ивица Брчиоски и Бобан Милошески од „Авалон“ на денешната прес-конференција во Скопје.

„Кога се обидувавме македонската музика да ја дигнеме на највисоко можно ниво, тука ‘Ареа‘ и уште неколку музичари имаат голема улога. Ако направиме некој пресек, мислам дека без никаква дилема ‘Сите мои слики’ е најголемиот македонски хит во независна Македонија“, рече Милошески, сопственикот на „Авалон“.

Тој се присети на концертот на „Ареа“ во 2000 на Скопски саем, кога многу луѓе не успеаја да влезат во салата.

„Продадовме 2.000 влезници повеќе и за првпат во животот видов полицајци на коњи. Му реков на брат ми Данче: ‘Види што се случува надвор’. Во денешно време, кога владеат дигиталните платформи, винилот и музиката на концерт се непобедливи“, додаде Милошески.

На концертот ќе се промоцира реизданието на албумот „Врати на имагинација“ на плоча, а сите кои ќе ја купат, ја добиваат потпишана од членовите на „Ареа“.

„Тој концерт на Саем беше најпозитивниот хаос во нашата кариера. Сега се радувам што добиваме и млада публика, која нема искуство со одење на концерти. Но, кога ќе дојдат на еден наш настап и ќе видат дека тоа се добри песни, без оглед дали за нив се модерни или не, имаат желба да дојдат пак“, рече пејачката Ружица Милошеска-Брчиоска.

Ивица Брчиоски, сопругот на Ружица кој заедно со неа ги напишал хитовите на бендот, рече дека имаат млади членови во групата.

„Во денешно време е многу потешко да добиеш публика и ако создаваш квалитет, зашто тој се мери според прегледи на дигиталните музички платформи или социјалните мрежи“, рече тој.

„Денешните млади не го знаат концертот како форма. Оделе на забави и мислат дека тоа е концерт. Затоа ми е драго што учат дека постои свирење во живо, учат како звучат бас, гитара, тапани, клавијатури и пеење во живо“, додаде пејачката на „Ареа“.

Таа рече дека тие како бенд имаат околу 20-30 настапи годишно, за што Милошески кажа дека е одлична бројка.

Гостин ќе биде младиот пејач Јанг Дади, кој гостува во новата верзија на хитот „Очи ангелски“. Билетите за концертот се продават онлајн преку мрежата на „Авалон букинг“.

М. ЏАРОВСКА