Ракописот „Кривата Дијана (роман за верижната вина)“ на Фросина Пармаковска, е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025. Во најтесниот избор беа и романите „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи. За победникот одлучуваше жирито во состав Соња Стојменска-Елзесер (професорка и писателка), Иван Додовски (професор, писател и книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).
„Романот ’Кривата Дијана‘ со поднаслов ’Роман за верижната вина‘ од писателката Фросина Пармаковска е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општество какво што е македонското. Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кој уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, што го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањата, инертноста, пасивноста и резигнираноста“, објави жирито.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а магистрирала на Институтот за македонска литература. Членка на ДПМ е од 2018. Таа е авторка на романите „Сè уште можам нешто да сторам“ (2023), „На враќање“ (2020), „Одбројување“ (2017), „Вишнова хроника“ (2014) и „Пишувајќи ги изгубените топки“ (2013). Нејзините романи се преведени на неколку јазици.
(Фото: Фејсбук)