ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ И УЧЕНИЦИТЕ ОД РЕДОВНАТА НАСТАВА БЕА ЕДНО НА СЦЕНАТА ВО ПРЕТСТАВАТА „БЕГАЛКА“ ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Одлично се вклопија лицата со интелектуална попреченост и децата од редовните училишта играјќи ја театарската претстава „Бегалка“ од Васил Иљоски. На сцената на Народниот театар во Битола тие беа едно, се надополнуваа меѓусебе и си помагаа. Ликовите на Ленче, Бошко, Велика, Трајко, Евра беа распределени помеѓу двете групи. Ова беше голем чекор за секоја од нив зашто на сцената беше поставена скоро целата драма, а претставата траеше околу еден час. Театарскиот проект го подготви Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола, а претседателката Јулијана Трајчевска беше и режисерка и сценаристка.

„Со овој настан го одбележавме Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Целта беа недискриминација, инклузија и вклучување на лицата со попреченост во секојдневниот живот преку изразување на своите можности. Лесно и брзо, со максимално вложување, успеавме сите заедно да дојдеме до крајната цел. За учесниците ова беше ново доживување, нов свет, нови другарства. Напорни беа поготовките, но сите многу лесно ги совладаа текстот и сценските движења и заслужуваат да ги наречеме актери“, вели Трајчевска.

Ликовите на Ленче, Бошко, Велика, Трајко, Евра беа распределени помеѓу двете групи (Фото. СМАРТ СДК.МК)

Во подготовката на претставата учествуваа и наставничките-менторки Весна Гагаловска и Лидија Поповска со ученици од основните училишта „Тодор Ангелевски“ и „Трифун Пановски“, средношколци од Државното музичко училиште во Битола со професорот-ментор Александар Грујовски и ансамблот „Плетенка“ и Народниот театар во Битола.

„Секојдневно ја спроведуваме инклузијата, ја применуваме во наставата, секојдневно разговараме за да се прифатат и разберат различностите, а вака во пракса, тоа е на едно повисоко ниво. Учениците со воодушевување прифатија да работат со лицата со попреченост. На пробите и низ долгогодишната соработка што ја имаме со ‘Порака‘ учениците не ги гледаат овие лица по нивната попреченост, гледаат кој може што да направи, кои активности можат да ги реализираат, а она што не можат, тие го надополнуваат. Едно се лицата со попреченост и учениците“, вели наставничката Весна Гагаловска од ОУ „Тодор Ангелевски“.

Ж. ЗДРАВКОВСКА