Олимписките игри во Париз завршија, а следниот домаќин за четири години ќе биде Лос Анџелес. Третата олимпијада во овој град ќе трае од 14 јули до 30 јули 2028, при што медалите ќе се доделуваат во повеќе од 800 настани во над 50 олимписки и параолимписки спортови.
Организаторите кажаа дека ниеден нов, постојан објект нема да се гради за овие ОИ. Место тоа, ќе бидат искористени десетици постоечки објекти, како стадионот на фудбалскиот клуб Галакси и повеќенаменскиот стадион „Меморијал колисеум“, на кој ќе се одржуваат атлетските натпреварувања исто како на претходните две олимпијади во овој град во 1932 и 1984 година.
За разлика од Париз, натпреварите во одбојка на плажа навистина ќе се играат на плажа, а некои објекти ќе бидат прилагодени. Така стадионот „СоФи“ во предградието Инглвуд ќе биде претворен во пливачка арена со додавање на атрактивен базен.
Студентските домови на Универзитетот Калифорнија ќе бидат претворени во олимписко село и ќе обезбедат капацитети за тренинзи.
Кога ја доби организацијата во 2017, Лос Анџелес вети дека тоа ќе бидат ОИ без автомобили, но останува нејасно дали и како ова ќе биде исполнето. Последните проценки велат дека буџетот на ОИ би требало да изнесува седум милијарди долари.
Во однос на Париз, во програмата ќе има пет нови спорта: крикет, лакрос, бејзбол/софтбол, сквош и флег фудбал, но нема да се игра брејкденс.
(Фото: АП)