Националниот натпревар за зелени иновации на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е меѓу петте финалисти за европската награда „Зелени вештини“.
„Натпреварот за зелени иновации за средни училишта, кој во изминатите 18 години го организира Машински факултет, влезе во конкуренција на најдобрите пет практики од повеќе од 250 апликации од над 50 земји на натпреварот Green Skills Award 2025, што го организира European Training Foundation“, објавија од факултетот.
Гласањето за победници е онлајн и трае до 30 јуни. Победниците ќе бидат соопштени наесен. Останатите финалисти се од Турција, Тунис, Шпанија и Казахстан.
Наградата „Зелени вештини“ е глобална иницијатива која беше воведена во 2021. Секоја година се објавуваат идеи и иновации благодарение на поединци и институции.
„Оваа иницијатива стана извор на добри практики што можат да ги инспирираат луѓето насекаде да направат вистински промени во создавањето кружни и јаглеродно неутрални економии и општества и да придонесат за одржлив развој“, велат организаторите.
Фото: Машински факултет