На 20 март, во новиот простор на „Лабораториум“ во Скопје ќе се отвори филмското катче „Фино кино“. „Лабораториум“ сега се наоѓа во склоп на зградата на Сојузот на синдикатите.
„Фино кино“ ќе стартува во 19 часот со проекција на филмот „Нов бран“ од режисерот Ричард Линклејтер (фото).
„Идејата на ‘Фино кино’ е создавање на непретенциозно ‘џебно’ артхаус кино и нова културна платформа со внимателно курирана програма, иницијатива за која се надеваме дека ќе се претвори во жива неформална заедница со филмската уметност во својот фокус“, велат од „Лабораториум“.
„Нов бран“ ќе може да се гледа и на 22 март од 20 часот. На програмата се и анимираниот филм „Арко“, кој имаше номинација за Оскар (21 март од 12 часот и 22 март од 18 часот) и „Млади мајки“ во режија на браќата Дарден (20 март во 21 часот), добитник на наградата за најдобро сценарио на Канскиот фестивал.
(Фото: Ж. Л. Фернандез)