НАД 600 АВТОРИ УЧЕСТВУВААТ НА ВТОРОТО МЕЃУНАРОДНО БИЕНАЛЕ НА МИНИЈАТУРНА УМЕТНОСТ ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Околу 600 автори од над 80 држави учествуваат со 800 дела на второто Меѓународно биенале на минијатурна уметност (МБМБ) во Битола, кое се отвори синоќа (12 август) во Културно-информативниот центар – Офицерски дом.

Биеналето е организирано и реализирано од неговиот раководител Владо Ѓорески, кустос и графичар, кој е и раководител на Меѓународното графичко триенале во Битола.

После Битола, биеналето ќе биде презентирано во Грција, Србија и Романија, а во преговори е и со Полска затоа што учествуваат и над 100 полски автори.

„Очигледен е растечкиот интерес од уметниците ширум светот, што потврдува дека Биеналето и Битола стекнуваат афирмација и респект. Концептот на Биеналето – мал формат е намерно избран, бидејќи им овозможува на уметниците да се изразат чисто, неоптоварено, импулсивно и слободно“, рече на отворањето галеристот Драган Ристевски.

На отворањето, постхумно беше доделена специјална награда на битолскиот ликовен уметник Ранко Струмениковски за неговиот придонес во развојот на современата ликовна уметност и графика во Македонија. Наградата ја прими неговата ќерка Тања Струмениковска-Ристевска. Специјална награда доби и Гоце Божурски за истакнати креативни изразувања, особено во минијатурната уметност, реализирано и преку неговиот циклус од 1.000 графички дела „Илјада и една љубовна приказна“.