НАСА ДОНЕСЕ ПРИМЕРОЦИ ОД АСТЕРОИД НА ЗЕМЈАТА КОИ МОЖЕ ДА ДАДАТ УВИД ВО ФОРМИРАЊЕТО НА НАШИОТ СОНЧЕВ СИСТЕМ

Јута, (Би-Би-Си)

Правливи примероци од „најопасната позната карпа во нашиот Сончев систем“ вчера стигнаа на Земјата. НАСА ги приземји материјалите во капсула која слета во пустината во Јута, три години откако вселенското летало „Озирис-Рекс“ ги собра од површината на астероидот Бену.

НАСА сака да научи повеќе за овој астероид, не само затоа што има шанси да ја погоди нашата планета во следните 300 години. Донесените примероци можат да дадат свеж увид во формирањето на нашиот Сончев систем пред 4,6 милијарди години, па дури и во тоа како почнал животот на Земјата.

Плачев како бебе кога слушнав дека падобранот се отворил и ќе има меко слетување. Тоа е неверојатно постигнување“, изјави Данте Лорета, главниот истражувач на проектот.

Научниците се нестрпливи да почнат да го испитуваат драгоцениот товар, чија тежина се проценуваше на 250 грама. Тоа можеби не изгледа многу, но е повеќе од доволно за тестовите што НАСА сака да ги спроведе.

Очекувам да видам карпест материјал, кој е многу мек и кршлив. Ќе има глинени минерали, многу јаглерод и веројатно ќе видиме калциум-алуминиумски подмножества, кои биле првите цврсти материјали што се формирале во нашиот Сончев систем“, изјави британскиот научник Ешли Кинг, член на тимот кој ќе ја направи првичната проценка.

НАСА најави дека првите сознанија ќе ги објави на 11 октомври.

(Фото: НАСА)