НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК ОД 17 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ, ШТИП И СТРУМИЦА

Под мотото „Генијален јазик: осмислуваме, проектираме, создаваме со италијанскиот јазик“ Од 17 октомври до 7 ноември во Македонија ќе се одржи 26. издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот (SLIM). Манифестацијата е организирана од Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со академски институции и локални партнери, а програмата опфаќа конференции, филмски проекции, книжевни средби, гастрономски работилници и презентации на можностите за студирање во Италија.

Официјалното отворање ќе се одржи на 19 октомври, во 18:30 часот, во Јуроп хаус во Скопје, со конференцијата „Помеѓу традицијата и иновацијата: студиите по италијанистика во ерата на вештачката интелигенција“, на која ќе говори проф. д-р Ана Илиевска од Американскиот универзитет во Бејрут-Медитеран.

Во рамките на програмата, на 20 октомври на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе се одржи предавање за дигиталното издание на творештвото на Луиџи Пирандело, додека на 21 октомври во Јуроп хаус ќе биде промовиран првиот Италијанско-македонски фразеолошки речник од проф. д-р Радица Никодиновска, со 1.250 италијански идиоматски изрази.

Програмата продолжува со книжевна средба посветена на македонскиот превод на романот „Еден, никој и сто илјади“ од Пирандело, на 26 октомври, како и со настан за италијанската мода и гастрономија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на 27 октомври.

Предвидени се и гастрономска работилница во Струмица, филмски проекции во Скопје и Струмица, средба посветена на преводите на „Пинокио“ на македонски јазик и онлајн-презентација на наставните активности на Здружението на професори по италијански јазик.

Манифестацијата ќе заврши на 7 ноември со учеството на Амбасадата на Италија на Саемот за студии во странство во Сити мол во Скопје каде што ќе бидат презентирани можностите за студирање и академско усовршување во Италија. Во програмата се вклучени и информативни средби за италијанските универзитети, стипендиите и процедурите за упис и добивање студентска виза.

Влезот за сите настани е слободен.