Првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик „Дом во тишина“ е објавена од издавачката куќа „Арс Ламина“. Новата книга, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на кој се напишани.
Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси: Бездомни, Севремени и Епистоларни.
„Речиси сè во врска со Никола Маџиров е поезија. Така тој се однесува и кон пишувањето есеи. За него пишувањето есеи е само една нова форма на пишување поезија“, вели Владимир Јанковски во предговорот.
Маџиров е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено дузина книги на македонски јазик и уште толку во странство. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина, европската поетска награда „Левир литерер“ во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот Кингс во Кембриџ, националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и други.