Почнаа подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник на западното крајбрежје на Охридското Езеро, во непосредна близина на населеното место Калишта, соопшти Археолошкиот музеј. Првите сознанија за локалитетот се добиени во 1980-ите, а систематски подводни ископувања се вршат во континуитет од 1998 година.
Досега е откриен исклучително богат движен археолошки материјал: керамички фрагменти, садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови и разновидни бронзени предмети.
Предметите се откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 сантиметри и се простира по целата истражувана површина. Иако керамиката во најголем дел е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период во населбата која егзистирала во 7. и 6. век пред нашата ера.
„Досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 квадратни метри, што е околу една десетина од целата населба. Генерално, можеме да навестиме појава на неколку куќи“, велат од Музејот.
Во проектот учествуваат Александра Папазовска – раководителка, Валентина Тодороска – кораководителка, Бојан Танески – подводен археолог, Светлана Василевска – археолог, Андреј Мачковски – докторанд по дендрохронологија и нуркачи од клубовите „Норкач“ и „Скаут“ од Струга.