Активистка чии напори за заштита на свето земјиште за нејзината домородна група резултираа со формирање на огромен национален парк во Перу ја доби престижната еколошка награда Голдман. Лис Чикахе Чурај е една од шесте добитничка на оваа награда за 2021.
Националниот парк Јагуас, за кој таа се избори, опфаќа повеќе од 8.000 квадратни километри дождовни шуми во Амазонија и е богат со уникатен див свет. Иако на овој простор не живеат луѓе, паркот со големина на Јелоустон во САД е дом на 3.000 растителни видови, над 500 видови птици и 550 видови риби.
Перуанската влада го прогласи Јагуас за национален парк во 2018 по долгата кампања предводена од Чурај, припадничка на домородната група Бора, која живее до границите на паркот.
„Ние живееме во џунглата, ја познаваме подобро од кој било и природно е да се бориме за нејзина заштита. Знаевме дека не смее да се дозволи уништувањето на шумата, зашто таа е клучна за опстанокот на многу животни“, вели 38-годишната Чурај.
Останатите добитници на наградата, со која веќе 30-ина години им се оддава почит на неуморните борци за заштита на животната средина, доаѓаат од БиХ, Малави, Виетнам, Јапонија и САД.