ПЛОЧИТЕ СЕ МОДА КОЈА НЕ ПОМИНУВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во ерата на стримингот и дигитализацијата, винилот е еден од ретките остатоци од „старото“ време кој уште како живее. И млади и возрасни во саботата можеа да се видат со плоча во рацете низ Градски парк во Скопје, купена од богатата понуда на Скопската винил конвенција, која ја слави културата на уживање во овој носач на звук.

На конвенцијата гостуваат и излагачи од регионот

Ова е седмо издание на овој настан, но првпат изгледа големо и масовно, откако од тесниот простор на плочникот пред Младински културен центар се пресели во Градски парк. Покрај домашните излагачи, плочи продаваа и гости од Србија, Црна Гора, Грција…

Тоа се традиционални учесници, кои речиси секоја година доаѓаат на конвенцијата“, вели Тошо Филиповски, музички новинар, издавач и хроничар и можеби најголем популаризатор на винилот во Македонија.

Меѓу понудените плочи има и користени и нови изданија

Конвенцијата оваа година се вклопи во прославата на 150. роденден на светскиот пиварски бренд „Хајнекен“, па и диџејската програма беше пообемна, подолга и поразновидна. Во духот на настанот, сите диџеи „вртеа“ исклучиво плочи и тоа непрекинато – 13 часа, при што еден на друг се надоврзуваат разни музички стилови.

Во духот на настанот, сите диџеи пуштаат музика исклучиво од плочи

Овој настан, сите овие луѓе тука кои разгледуваат и купуваат се доказ дека плочите не се застарени, а камоли изумрени. Тоа е една култура која има и свои нови генерации. Тоа многу ме весели“, кажа еден излагач од Србија.

Г. КОНЕВ / Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ