Најголемата продавница посветена на Хари Потер ќе се отвори на 4 ноември на познатата улица Оксфорд во Лондон, објави „Ворнер брос“. Продавницата ќе се простира на повеќе од 1.950 квадратни метри на два ката. Просторот е инспириран од магичната улица Дијагон од книгите и филмовите за Хари Потер.
Посетителите ќе можат да видат змеј над банката „Гринготс“, Витешки автобус во природна големина и пабот „Leaky Cauldron“, каде што ќе се служат храна и познатиот пијалак Батербир.
„Нема подобро место за создавање дестинација која ги слави магијата, креативноста и приказните што освоија генерации обожаватели низ целиот свет“, рече Карл Дурант, потпретседател за глобална малопродажба во „Ворнер брос“.
Ова ќе биде втората официјална продавница за Хари Потер во Велика Британија, по онаа на железничката станица Кингс Крос во Лондон.