Со промоција на книгата „Филмот и пропагандата во дигиталната ера“ од Сашо Кокаланов, вечерва (25 март) во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ почнува третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, ќе бидат Елеонора Венинова, Владимир Блажевски и Отец Пимен, а модератор ќе биде Оливера Ќорвезироска.
В четврток (26 март) од 21 часот, на истото место концерт ќе одржи „Фанк шуи“, а следниот ден од 19 часот, на Светскиот ден на театарот, е промоција на книгата „Театарски приказни“ од Митко Бојаџиски, што ќе биде проследена со актерска изведба. По промоцијата, од 21 часот следува џез-концерт на „Night and Day Quartet“, во состав Јани Костурски, Оливер Јосифовски, Бојан Петков-Шамба и Павел Ренџов.
На 28 март (сабота) ќе се одржи донаторски настан поврзан со книгата „Облеката и модата, од праисторијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Фестивалот „Видик“, што ќе трае до 8 април, е во организација на „Литература.мк“. Програмата опфаќа промоции на книги, музички настапи, театарски изведби и филмска проекција. Присуството на музичките и театарските настани е со влезници, кои се достапни во „Литература.мк“ и на www.literatura.mk.