ПРЕМИЕРА НА „ЧЕЛИНЏ“ ВО ТЕАТАР ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ, НАМЕНЕТА Е ЗА ПУБЛИКА НАД 12 ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Утре (1 октомври) во Театарот за деца и младинци премиерно ќе се изведе младинската претстава „Челинџ“, авторско и режисерско дело на Јане Спасиќ.

„Живееме во време кога поголемиот дел од растењето на нашите млади се случува пред екраните, а нивната вредност јавно се мери преку социјалните мрежи. Ние постарите тешко го разбираме овој свет и често го осудуваме, па поради тоа го губиме контактот со нив и со нивната реалност. Ваквата ‘комуникациска тишина’ ги остава младите сами да се снаоѓаат во своите најранливи години и во тој хаос неретко се доведуваат до ризични ситуации што можат да остават трајни белези и трауми“, вели Спасиќ.

Играат Никола Наковски, Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Ненад Митевски, Изабела Новотни, Драган Довлев и Ана Левајковиќ-Бошков. Сценографијата е на Симе Атанасијевиќ, костимите на Илина Чолак, а дизајнот на плакатот е на Матеја Николиќ.

Претставата е наменета за публика над 12 години.