Денеска (22 декември) во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Поштарска бајка“, работена по текст на Карел Чапек, во режија на Александар Ивановски. Драматизацијата и адаптацијата се на Катерина Момева.
„Преку игра, хумор и топлина, приказната нè води во светот на писмата што никогаш не стигнале до своите адреси, но во себе ги кријат најискрените човечки желби, соништа и тајни. Ова е бајка за комуникацијата, љубовта и надежта и за тоа како секоја порака, дури и изгубена, може да го најде вистинскиот пат. Целта е најмладата публика да ужива во магијата на театарот и силата на убавата приказна“, велат од Театарот.
Во претставата играат Филип Христовски, Кире Ацевски, Славица Манаскова, Сандра Танчева, Исидор Јованоски и Талија Ѓорѓиева. Сценографијата и дизајнот се на Филип Коруновски, а костимите на Катерина Чукниева.
П. ПЕЧКОВ