Режисерот, сценограф и композитор Марјан Неќак на 13 март ќе има премиера во театарот во Копер (Словенија) со претставата „Да се живее!“, заедничко име за Чеховите едночинки „Мечка“ и „Трагичар по неволја“. Костимограф е Благој Мицевски од Битола. Со „Да се живее!“, Чехов по 16 години повторно е на сцената на овој театар.
„Кај Чехов секогаш се работи за луѓе кои се обидуваат да живеат. Затоа неговите едночинки ги доживувам како мали епизоди од животот, како некоја современа серија, само што Чехов ги напишал сто години пред ‘Нетфликс‘”, рече режисерот.
Како режисер и автор на музиката, Неќак работеше во овој театар на „Убавата Вида“, „Наша фамилија“ и други. Тој претходно рече дека креативниот процес бил интензивен, но во исто време и инспиративен.
„Овој процес беше еден од најубавите за мене, бидејќи во секој поглед улогите се напишани за актерите“, кажа Неќак.
Во претставата играат Рок Матек, Лука Цимприч и Патриција Јуринчич-Финжгар.