Вечерва (4 април), од 20 часот, во Народниот театар во Штип ќе се одржи премиерата на претставата „Хаос“.
Ова е современа драма по текст на Мика Милиахо, а во режија на Александар Ивановски, на кого ова му е трета соработка со штипскиот ансамбл.
Темата во претставата е за три пријателки (Софија, Јулија и Еми) кои се обидуваат да ги одржат своите животи во рамнотежа наспроти секојдневните проблеми и општествените притисоци.
Во главните улоги играат Ава Хусеини, Марија Минчева Андонов и Кристина Атанасова Арсова.
Режисерот Ивановски, кој моментално ги завршува докторските студии по театар во Романија, вели дека ова е возбудливо патување низ хаосот на модерното живеење и борбата за зачувување на сопствениот интегритет.
„Публиката ја очекува возбудливо патување низ целиот спектар на емоции, бидејќи борбата е да се остане нормален кога сѐ наоколу се руши“, вели режисерот Ивановски.
Ивановски досега режирал претстави во повеќе градови во Македонија, најмногу во Велес каде што работи како и во Чешка, Унгарија, Шкотска и Романија.
Т. ЈОВАНОВСКИ