ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СЕЈШЕЛИ ПОВИКА НА ЗАШТИТА НА ОКЕАНИТЕ ВО ГОВОРОТ ОД 120 МЕТРИ ДЛАБОЧИНА

Сејшели, (АП)

Претседателот на Сејшели упати глобален повик за поголема заштита на океаните, одржувајќи говор во живо од длабочина од 120 метри. Дени Фор се обрати при посетата на амбициозна британска научна експедиција, која ги истражува длабочините на Индискиот Океан.

„Океаните се синото срце на нашата планета. Тие покриваат две третини од површината на Земјата, а толку малку знаеме за нив. Имаме подобри мапи од Марс отколку од океанското дно“, изјави Фор.

Опкружен од Индиски Океан, Сејшели е една од многуте островски држави кои се загрозени од глобалното затолување.

„Овој проблем е поголем од сите нас и не можеме да чекаме идната генерација да го реши. Ни снемуваат изговори да преземеме акција, а ни снемува и време. Научниците го кажаа своето, сега ние мора да се ангажираме“, кажа Фор.

Малку е познато за водниот свет под 30 метри длабочина, границата до која вообичаено одат нуркачи. Спуштајќи се до 500 метри, научниците од Универзитетот Оксфорд за првпат истражија области со голем диверзитет, кадешто допира малку светлина. До крајот на мисијата, тие очекуваат да соберат 1.400 примероци и 16 терабајти податоци и да истражат површина од 25.000 квадратни метри.

Моментално, само 5% од светските океани се заштитени и државите се согласија да ја прошират областа на 10% до 2020 година.