ПРЕТСТАВИ ОД САД, ИТАЛИЈА И МАКЕДОНИЈА НА 22. ФЕСТИВАЛ НА АНТИЧКА ДРАМА „СТОБИ“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Од утре (29 октомври) до следната среда, во Велешкиот театар ќе се одржува 22. издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“. Ќе учестуваат пет претстави и ќе се доделат традиционалните награди „Антигона“.

„Театрите сѐ помалку работат претстави на антички текстови, сѐ потешко се доаѓа до нив, има сѐ помалку продукции на оваа тема. Од понудата во регионот, но и пошироко се трудиме да го донесеме најдоброто“, рече Жарко Спасовски, директорот на фестивалот.

Утревечер ќе биде изведена претставата „Агамемнон, кругот на крвта“, продукција на експерименталниот театар „Ла Мама“ од Њујорк. Потоа следуваат „Калигула“ на Кумановски театар (30 октомври), „Нешто големо“ на „Академија Медитеран“ од Лече, Италија (31 октомври), „Ифигенија од ништо“ на Драмски театар од Скопје (4 ноември) и на затворањето на 5 ноември е „Лекција“ на Штипски театар.

Жирито е во состав Јордан Витанов, Фаик Мефаиловски и Христина Атанасова-Арсова, кои ќе одлучат за наградите за претстава, режија и машка и женска улога. Фестивалот е финансиски поддржан од Општина Велес и Министерството за култура.

П. ПЕЧКОВ